Охридски бисер™…Семејна традиција од 1928 год.

Совршен и уникатен сувенир за оние кои што го посетуваат Охрид и Охридското езеро. Исклучиво важно е да се напомене дека постојат само две фамилиии во Охрид, кои ја знаат тајната за изработка на добро познатиот Охридски бисер. Фамилијата Филеви е фамилија која ги изработува Охридските бисери уште од далечната 1928 што се потврди од историските факти и институции. Тајната на изработката на Охридскиот бисер дури и денес е една од најдобро чуваните тајни на оваа фамилија која изработува бисери соединети во креативни бисерни огрлици и нараквици, а се пренесува веќе четврта генерација од колено на колено. Кога зборуваме за бисер секогаш ни паѓа на памет за бисер кој е пронајден во школка, меѓутоа Охридскиот бисер е многу повеќе од тоа и има поспецифичен метод на изработка.

Охридскиот бисер не е најден во школка, туку тој се изработува на тој начин што се зема најблескавиот (внатрешниот) дел од школката, истиот добро се преработува и се добива саканата форма - седефасто зрно. Вториот процес на обработка на зрното е премачкување на веќе добиеното седефасто зрно со емулзија која се добива од крлушката на охридската риба - плашица. Поодамна имало неколку модели на огрлици од Охридски бисер кои му давале акцент на дадени манифестации какви што биле свадба, слави и визити, запросување девојка итн. Тие биле именувани според приликата.

-Староградска плетенка со кои што посериозните дами и госпоѓи се закитувале за слави и свечени пригоди.
-Моминска огрлица која ја поседувала речиси секоја венчана девојка, бидејќи редот во тоа време бил токму со ваква огрлица да се побара невестинската рака.

Фамилија Филеви нуди богата колекција на уникатно рачно изработен накит. Голем избор на различни бои на култивирани природни бисери, ви овозможува да изберете идеална комбинација за вашата гардероба. Секоја креација се одликува со индивидуален пристап замисла и дизајн. Тие се изработуваат во различни должини според желбата на клиентот. Моделите се за луѓе кои сакаат да се различни, со подвлечен сопствен стил и параметри.